Светските медиуми беа немилосрдни во критиките на светскиот тенисер Новак Ѓоковиќ, обвинувајќи го дека ги занемерил сите протоколи за хигиена и заштита за време на организацијата на неговиот турнир „Адрија тур“.
Тие го обвинија дека Ѓоковиќ ги игнорирал сите препораки на здравствените работници и среде глобалната пандемија организирал турнир, кој се играл пред полни трибини.
Никој од присутните не носел маска, не се почитувала социјалното растојание, а тенисерите биле до толку опуштени и неодговорни, што без никаква грижа се ракуваа, гушкаа и фотографираа со децата. Играа кошарка, па дури и разголени се забавувале во дискотеки.
Францускиот спортски весник „Л‘Екип“ по сето ова го претстави Ѓоковиќ како дворски шут.
Серијата егзибициски тениски турнири „Адрија тур“ заврши со фијаско откако и нивниот организатор, Новак Ѓоковиќ, објави дека имал позитивен тест на коронавирус, заедно со сопругата Јелена.
„Новак Ѓоковиќ не сакаше ни да чуе за строгите хигиенски мерки како во Бундеслигата. Зачудувачки изгледаат видеоснимките на кои лекомислените тенисери се забавуваат во ноќните часови“, пишува германската агенција ДПА, додавајќи дека тој со својот егоизам ги загрозил плановите за продолжување на тениската сезона.