Дивата журка без правила заврши со фијаско – Светските медиуми немилосрдни против Ѓоковиќ

Светските медиуми беа немилосрдни во критиките на светскиот тенисер Новак Ѓоковиќ, обвинувајќи го дека ги занемерил сите протоколи за хигиена и заштита за време на организацијата на неговиот турнир „Адрија тур“.

Тие го обвинија дека Ѓоковиќ ги игнорирал сите препораки на здравствените работници и среде глобалната пандемија организирал турнир, кој се играл пред полни трибини.

Никој од присутните не носел маска, не се почитувала социјалното растојание, а тенисерите биле до толку опуштени и неодговорни, што без никаква грижа се ракуваа, гушкаа и фотографираа со децата. Играа кошарка, па дури и разголени се забавувале во дискотеки.

Францускиот спортски весник „Л‘Екип“ по сето ова го претстави Ѓоковиќ како дворски шут.

Серијата егзибициски тениски турнири „Адрија тур“ заврши со фијаско откако и нивниот организатор, Новак Ѓоковиќ, објави дека имал позитивен тест на коронавирус, заедно со сопругата Јелена.

„Не ме прозивајте веќе за моите глупави и неодговорни постапки, ова е надвор од секоја конкуренција“, изјави Ник Кирјос, лошото момче на светскиот тенис.
Вториот турнир во Задар беше прекинат пред да се одигра финалниот меч во неделата, откако Григор Димитров објави дека е заразен. Позитивен тест потоа им беше потврден на уште двајца играчи, Борна Ќориќ и Виктор Троицки, како и на неговата бремена сопруга, тренерот на Димитров и на кондицискиот тренер на Ѓоковиќ.

„Новак Ѓоковиќ не сакаше ни да чуе за строгите хигиенски мерки како во Бундеслигата. Зачудувачки изгледаат видеоснимките на кои лекомислените тенисери се забавуваат во ноќните часови“, пишува германската агенција ДПА, додавајќи дека тој со својот егоизам ги загрозил плановите за продолжување на тениската сезона.

Scroll to Top