Хрватската пејачка Јелена Розга вчеравечер пееше во кафулето „Интермецо“ во Скопје. Уште на влезот обезбедувањето им бараше на гостите сертификат за вакцинација, но внатре во кафулето се направи метеж. Иако има отворен и затворен дел, Јелена пееше во затворениот, а таму беа и стотината гости што сакаа да ја видат одблиску познатата пејачка.
Розга не криеше дека ѝ е убаво и рече дека ова е првпат да пее во кафуле во Скопје.
„Воодушевена сум од вашата енергија, па ова е подобро од концерт“, рече таа.
Забавата почна уште на првата песна. Јелена ги испеа и своите најголеми хитови и песните од времето кога настапуваше со групата „Магазин“. Со „Коколо коколо“ ја крена публиката на нозе. А гостите се расположија и не престанаа да играат и пеат до крајот на вечерта. Некои се фотографираа со Јелена среде настап и коментираа дека личи на тинејџерка.
„Со маичката и кусото здолниште е како девојче, не престана да скока цела вечер, браво“, можеше да се чуе во публиката.
Ова е еден од ретките настапи што Розга ги имаше од почетокот на пандемијата. На крајот на вечерта таа ѝ вети на публиката дека набргу пак ќе дојде во Скопје, но со голем концерт.
Текст и фото: Редакција „Репортер“