Српската ѕвезда Јелена Карлеуша наполни 44 години, направи голема журка со огномет и на социјалните мрежи напиша дека тоа е почеток на нова ера. Пејачката за роденденот облече секси фустан од македонскиот дизајнер Златко Јовановски.
За „Репортер“ Златко вели дека фустанот ѝ го испратил неодамна, а Јелена му кажала дека наскоро ќе го облече, но се изненадил кога видел дека решила да го носи за роденденската прослава.
„Со Јелена ја продолживме соработката што ја почнавме лани. Ѝ испратив слики од новата колекција и таа избра сребрен фустан. Изработен е од околу 300 светкави камења и монистра нанижани рачно. Горниот дел е корсет и кај градите е отворен, во стилот на костумите за карневалот во Рио. Покрива само колку што треба да покрие“, ни откри Златко.
Не е првпат македонскиот дизајнер да ја облече Карлеуша. Таа носеше две негови креации за едиторијалот на новогодишното издание на српскиот магазин „Хелоу“.
А. Јовановска