Глого, чекам да се видиме за викенд

Српскиот актер Жарко Лаушевиќ во емотивно писмо се простил од својот пријател и колега Небојша Глоговац. Писмото на Жарко ви го пренесуваме во целост:

„Драги Глоги,

Ја читам твојата порака од пред некој ден: ‘Знам дека ќе биде добро. Ќе зборуваме… само малку да мине ова лудило. Како што велат, Србите паметат до четврток, така што се слушаме за викенд, а до тогаш, еве ти неколку вицеви’.

Чекајќи превоз на аеродромот во Бостон правевме планови да направиме нешто заедно. Рече: ‘Ќе работиме сигурно или овде или таму’. Тогаш ти стигна порака и скокна како мало дете. ‘Добив награда во Лондон!’ Беше тоа награда за најдобар актер на престижниот европски фестивал.

Сите бевме понесени од тоа чувство на голема гордост, ја одигравме последната изведба на ‘Хедерсфилд’. И таа ноќ, како и на целата канадско-американска турнеја, те гледав на сцената, од страна, нем од среќа што присуствувам на едно чудесно предавање и давање себеси во глума каква што никогаш претходно не сум видел.

Мојата најстара ќерка со години го имаше својот омилен и најдобар актер. Тогаш еден ден срамежливо изјави:

‘Тато, ти повеќе не си мојот најдобар актер!’.

‘Ах, кој е тој што на моето дете му го поматил разумот?’, прозборев некое патетично сеќавање од Шекспир.

‘Небојша Глоговац’, шепотејќи ми призна. Ја прегрнав.

Ѝ олесна. И поради тебе дојде од Чикаго со нас. Стигна во Бостон за повторно да ја гледа претставата.

Глоги,  кога слушнав за твојата болка почнав да пишувам нешто за нас. Па да одиграме. Или овде или таму.

И чекам да се слушнеме… за викенд.

Твој Жарко“.

 

 

 

Scroll to Top