Ибрахимовиќ не сака „разгалени богаташи“: како ги воспитува своите синови

Златан Ибрахимовиќ и неговата долгогодишна партнерка Хелена Сегер имаат двајца синови, 19-годишниот Максимилијан и 17-годишниот Винсент. И двајцата тргнале по стапките на татко им и играат фудбал. Ибрахимовиќ неодамна, во подкаст, откри дека се трудел да ги воспитува така што ќе бидат одговорни и самостојни.

„Бевме во Беверли Хилс… Не го кажувам ова за да испаднам важен, туку навистина така постапував. Децата одеа на училиште, а сите имаа возачи. Во училиштето видов само два велосипеда – на Винсент и на Максимилијан. Им купив велосипеди и им реков: ‘Земете ги велосипедите и одете сами на училиште.’ Бев строг, но секогаш со нивното добро на ум и доследен во тоа“, рече Ибрахимовиќ и додаде: „Ако на 18 години не се самостојни, тогаш не сум успеал.“

Вели дека во тоа имал поддршка од партнерката, бидејќи и двајцата се согласуваат дека не сакаат нивните синови да пораснат како „разгалени богаташи“. Затоа, како што раскажа, не патувале со приватен авион, туку избирале комерцијални, поевтини летови, за синовите да видат како живее поголемиот дел од луѓето. Откри и дека постариот син дури во 2024 година отворил Инстаграм, додека помладиот Винсент сè уште не е на социјалните мрежи.

Нагласи колку му се важни дисциплината и скромноста, повлекувајќи паралела со своето детство.

„Млеко, леб и болоњезе. Три работи. Им велам на моите деца: ако јас можев да успеам со тие три работи, можете и вие. Имам повеќе пари отколку моите родители“, рече тој.

Пораката со која ја заокружи својата филозофија гласи:

„Со пари е полесно да се живее, но тие нема да им донесат среќа. Децата ги учам на дисциплина, почит и самостојност.“

Scroll to Top