Хрватскиот пејач и музичар Дадо Топиќ со „Индекси и пријателите“ ќе имаат голем концерт во Скопје. Седумдесет и двегодишниот Дадо, или Адолф, како што му е вистинското име, пред скопскиот концерт, полн со емоции вели дека му е тешко со малку се зборови да опише што за него претставуваат „Индекси“ и воопшто да се пеат нивните најпознати песни. Пред настапот на 28 октомври во Филхармонија, во интервју за „Репортер“, зборуваме за детството, музиката, најпопуларната песна „Македонија“ и сè она што е интересно за него, како пејач кој ја одбележа музиката во поранешна Југославија.
Ќе настапувате во Скопје. Што е она што прво ве врзува за Македонија?
Дадо Топиќ: Искрен да бидам, не сум бил нешто којзнае колку во Македонија. Но, во основно училиште на часот по историја многу ме интересираше баш нивната историја. За мене беше многу значаен македонскиот народ, нивната желба за самостојност за која се бореле уште од времето на Илинден па натаму. Многу читав и за Александар Македонски, кој веројатно нема којзнае колкава врска со Македонија, но и Битола, каде сум бил, и тоа е град што многу влијаеше и на мојата музика.
Пред 50 години ја отпеавте култната песна „Македонија“. Како настана оваа песна?
Дадо Топиќ: Тоа е една од моите омилени песни. Уште кога бев мал многу често ја слушав мајка ми како пее стари македонски песни. Многу ми се допаѓаа, имаше нешто посебно во нив. Така и јас во еден момент добив инспирација и ја зедев гитарата, па почнав да ја создавам оваа песна. И кога таа навистина почна да се слуша по медиумите, на радио постојано ја пуштаа, ми се јавија пријателите од Македонија. Ми велат: ‘Леле, Дадо, што си направил, човеку? Секој од нас ја живее ова песна кога ја слушаме’. Мене ми падна многу драго што стиховите ‘таму кај што вечното сонце сјае’ стана нешто за кое се зборува со генерации.
Потекнувате од скромно семејство кое едвај врзувало крај со крај. Имате ли тажни сеќавања од детството?
Дадо Топиќ: Ова е тажна тема, ама ете вистинита. Јас потекнувам од работничко семејство, но татко ми секогаш бараше начин како да ни обезбеди да живееме подобро. Памтам, беше Божиќ, а јас имав 7 или 8 години. Мајка ми преку врски набави два портокала. Кога дојде татко ми на Бадниковата вечер, ги погледна портокалите и ги фрли во ѕид, и рече: ‘Анка не смееш да се расфрлаш со парите, ќе ни требаат за иднината на синовите’.
Вашите синови сега живеат поинаку?
Дадо Топиќ: Да, да, многу поинаку затоа што имаат сè што јас немав.
Колку бевте блиски до Даворин Поповиќ, пејачот на „Индекси“?
Ние секогаш бевме на некоја блиска дистанца. Од колегите слушав за него дека бил многу бистар и дека секогаш удирал на прва топка. Некои ме рекоа дека тој зборува за мене сè најдобро. Еднаш го сретнав и му реков: ‘Фала ти што за мене зборуваш сè добро’, а тој ми одговори: ‘Слушај мали, само да си знаеш, јас сум пејач’. Демек, тој е врвот, сите ние само врескаме и не знаеме да пееме.
Сепак, сега ќе пеете на концертот на „Индекси“…
Да, многу сум среќен и убаво е да се биде дел од овој концерт. Се надевам и на млада публика, добра екипа и добра журка во Скопје.
Александра Георгиев