Неверојатна сцена се одиграла во петокот наутро на плажата кај Неос Мармарас, на Ситонија во Грција. Петгодишно девојче од Србија било нападнато од волк додека си играло на песокот, а трагедијата била избегната благодарение на присебната реакција на мајката и на еден турист кој со камења го одбил животното.
„Во секунда волкот беше покрај мојата ќерка, ја отвори вилицата и тргна да ја зграпчи во пределот на половината! Веднаш ја зграбив и почнав да бегам!“, раскажува за Телеграф мајката Ирена Пеиќ.
Сцената траела само неколку секунди – девојчето било во дуксер и се играло со бебе, кога животното им го блокирало патот. Волкот скокнал кон детето, но мајката го грабнала и избегала кон скалите. Туристот кој фрлал камења им овозможил неколку секунди предност, а волкот паднал во вода.
Нападот не завршил тука – животното излегло и скокнало во дворот на апартманот, каде локалците со мотки и камења успеале да го избркаат.
Среќа во несреќа, девојчето поминало со гребаница по грбот и примило вакцини и антибиотска терапија во болница.
„Да не беше човекот кој фрлаше камења, не знам како ќе завршеше. Тој ни даде шанса да се спасиме“, вели благодарната мајка, додавајќи дека детето било во шок и со часови не сакало да излезе од апартманот.
Случајот е пријавен во општината и полицијата. Според зборовите на мештани, овој напад не бил прв – во регионот се случиле уште неколку слични во последните денови, што предизвикува дополнителна загриженост меѓу туристите и жителите.