Маријан Бенеш, боксерскиот шампион, во тешки маки го загуби последниот меч

Вчера почина боксерскиот шампион Маријан Бенеш, за кого се велеше дека е југословенскиот Роки Балбоа. Имаше 67 години. Поради специфичниот стил на спуштен гард (одбрана) и неверојатната храброст, го нарекуваа најголемиот коцкар во рингот. Спортскиот коментатор Драган Никитовиќ вели дека Бенеш е најголемиот трагичар на своето време.

„Со главата е во рингот, во едниот агол Паркинс, во другиот Алцхајмер. Не зборува. Може да прошепоти две-три неврзани реченици, а на крај реченицата ја завршува со тоа што со молив ќе допише на листот. Нема око. Прстите му се згмечени, а дланките рапави. Ги кршел 26 пати. Може да стане ама без помош, но додека да изброиш до 10 ќе падне. Артеријата до мозокот му пропушта само девет проценти крв. Лекарот го предупреди дека ако не оди на операција ќе добие мозочен удар од кој нема да се разбуди. Бенеш не ја избра операцијата“, вака новинарот на хрватскиот „Јутарњи лист“ го раскажа својот впечаток за југословенскиот боксерски шампион при средбата со него во центарот на Бања Лука, во домот на поранешната сопруга на Бенеш.

И додава: „Банеш знае дека влегува во последната рунда, последниот меч во кој не може да направи пресврт, па дури ни со неговиот опасно добар раширен гард“.

 

 

Неофицијалниот шампион во светот

Во својата аматерска кариера имал 299 натпревари, од кои освоил  272, загубил 16, а 11 останале без победник. Во професионалната кариера од 56 натпревари доби 50, загуби пет, а еден остана нерешен. Со Мате Парлов е најдобар боксер на сите времиња во поранешната држава. Девет пати беше шампион на БиХ, 4 пати  шампион на Југославија, аматерски и професионален шампион на Европа, бранејќи ја титулата четири пати и неофицијален светски шампион. Тој исто така играше на Олимписките игри во Монтреал.

„Телото му донесе пари и слава. Беше Хрват кој себеси се сметаше за Југословен. Од срце ја сакаше неговата Бања Лука, но од таму бегаше за Белград, каде го сметаа за усташ, а потоа во Загреб, каде го викаа четник. Знаеше да каже дека е и Хрват и Србин и Босанец и Ром“, пишуваат за него хрватските медиуми.

 

Животински рефлекс

Маријан Бенеш е роден во Белград во 1951 година. Неговата мајка Марија Вукиќ била од Лика, а татко му Јосип војводински Хрват. И двајцата родители биле наставници, а покрај Маријан имале уште два сина и една ќерка. Неговите браќа веќе тренирале бокс и постојано се шегувале со него дека удира како девојче.

Со семејството живееле во Тузла кога како 10-годишно момче  нокаутирал 18-годишен тинејџер и тогаш го свртел вниманието кон себе. Бего Хусејлиќ, неговиот тренер од Тузла, знаел да каже дека Бенеш има животински рефлекс и особено тежок удар со кој стана вистински нокаутер. Првпат го забележале на еден младински натпревар. По долги убедувања со неговата мајка, затоа што бил малолетен, конечно таа дала дозвола и на 16 години ја подготвил торбата и заминал од дома за да тренира бокс. Кога го донеле во хотелот „Палас“ за да тренира во клубот „Славија“ портирот ги видел челните луѓе на клубот и ги прашал: „Пак некој боксер?“

„Е овој ќе биде шампион“- му одговориле самоуверено.

 

Жените го сакаа…

 

Кога го остави боксот се ожени со убавата нишлијка Стана, со која ги има ќерките Жанета и Маријана, а зад себе има и еден неуспешен брак со Аида, кој траел само 18 дена. Има уште две деца, едното од Марија од Белград, а синот Филип од еден германска грофица со која детето го добил додека биле во љубовна врска. Жените го сакаа, па низ неговиот живот поминаа многу, мажите му се воодушевуваа, а на спортистите им беше идол.

Scroll to Top