Популарниот пејач Жељко Самарџиќ е роден во Мостар, Босна и Херцеговина, но скоро триесет години живее во Србија. Од Босна избегал во текот на војната, во 1992 година, кога бил тешко ранет и бил пренесен на Воено-медицинската академија во Белград на операција. Иако не зборува често за тие времиња, тој неодамна во интервју се потсети на еден од најстрашните моменти во животот, кога мислел дека ќе умре.
„Имав несреќа да бидам прилично тешко ранет. Татко ми често ми велеше тогаш: ‘не знаеш што е војна, што се тенкови, не излегувај од подрумот’. Бев млад, скокав да им помогнам на сите бидејќи имаше многу ранети. И од никаде само ме погоди тој куршум, тој залутан куршум на тенкот. Го видов како оди кон мене, почнав да се фрлам на страна. Ме удри во левиот колк и продолжи кон долниот дел на кичмата. Кога ме донесоа на операција во Воено-медицинската академија во Белград, лекарите ми рекоа дека Господ ме погледнал. Според нив, сум можел да останам и парализиран, а ми рекоа ако можеме да избереме каде да нè погоди куршумот за да има најмала штета, тоа е местото. Но, јас не знаев тогаш како е, мислев умирам“, раскажал Самарџиќ во интервјуто.
„Изгледаше ужасно во тоа време, но мислевме дека ситуацијата ќе се подобри. Најмалку се очекуваше дека ќе има војна во Босна. Луѓето се сакаа во Мостар, таму живеат луѓе од различни националности. Иако тоа беше пред 30 години и е зад мене, некои работи и денес многу ме повредуваат. Многу луѓе немаа шанса да живеат и тоа е голема неправда“, додал тој.
Пејачот по војната дошол во Белград без пари и го почнал животот од почеток. Вели дека ќе биде вечно благодарен на луѓето за сета љубов што ја доживеал во градот.
„Белград ме фасцинираше. За мене тоа е најубавиот град на цел свет, таму ми се случиле најубавите работи. Го сакам мојот роден град Мостар, но до крајот на животот ќе му бидам благодарен на Белград што има љубов кон мене кога ми беше најпотребна“, изјавил Жељко за српски „Курир“.