Српскиот пејач Милан Станковиќ минатата недела направил сцена во трговскиот центар „Ушче“, откако за малку физички ќе се пресметал со вработен од обезбедувањето, пренесува српски „Курир“.
Според медиумот, настанот се случил во една продавница на познат бренд. Тој не сакал да носи заштитна маска, која е задолжителна во сите затворени објекти. Најпрво никој не го препознал поради долгата коса и целосно проментиот имиџ, а потоа му пришол еден од членовите на обезбедувањето и љубезно го замолил да стави маска или да ја напушти продавницата.
Пејачот веднаш бурно израгирал и почнал да се расправа со обезбедувањето. Тој не сакал да стави заштитна маска велејќи дека „не сака да го прифати злото што ни го наметнуваат разни светски сили и слуги на антихристот“ по што обезбедувањето реагирало и го извело надвор од продавницата. Тој тргнал кон гаражата која се наоѓа во рамките на трговскиот центар и почнал гласно да протестира.
Еден менаџер на ресторан, пак, за медиумот изјави дека ова не му било прв инцидент на Станковиќ. Тој изјавил дека се сретнал со пејачот во ресторан во центарот на Белград. Нивниот инцидент се случил откако тој му побарал задолжителен сертификат за вакцинација, а пејачот го немал. Тој одбил да ја напушти вечерата, велејќи дека никој нема право да му бара пропусница.
„Велеше дека нема да извади никакви пропусници или да ги покаже. Неколку пати повтори дека на сите им е испран мозокот и дека ако треба нема да јаде, но дека не се согласува на уцени. Додека обезбедувањето го исфрлаше од ресторанот, му беше многу непријатно. Сите беа шокирани од ваквото однесување“, изјави изворот за српски „Курир“.
За потсетување, Станковиќ и неговата поранешна девојка Рада Манојловиќ со месеци водат кампања на социјалните мрежи против вакцинацијата и пандемијата на коронавирус. Според нив, вирусот воопшто не постои и сè е теорија на заговор. Јавноста неколкупати ги осуди нивните тврдења.