Југословенската актерка Милена Дравиќ на 19 октомври ќе биде погребана во алејата на заслужни граѓани на белградските Нови гробишта. Во Југословенската кинотека денеска беше отворена и книга на жалост, во која граѓаните ќе можат да се запишат.
Службите од кинотеката приредија и можност сите кои ќе се запишат во книгата на жалост да можат да проследат некои од проекциите на филмовите во кои Дравиќ глумеше и за кои има добиено престижни награди. Од 1 до 5 ноември кинотеките низ Србија ќе приредат и голема ретроспектива на филмовите на југословенската актерка.
Една од најголемите ѕвезди на ексјугословенската и српската актерска сцена почина во Белград, во ноќта меѓу саботата и неделата. По долго и тешко боледување, Дравиќ почина на 79-годишна возраст во болница во Белград.