Српскиот композитор Александар Милиќ Мили (52) e итно примен во болница во Истанбул, откако нагло му се слошило и добил силни болки во желудникот. Според српските медиуми, ќе го оперира светски познат турски хирург и веќе е подготвен за во операциона сала.
Пејачот се огласи на Инстаграм и изјави дека е спремен за операцијата.
„Едвај чекам да го решам проблемот. Се надевам дека ќе ми биде полесно“, напиша тој.
За потсетување, Мили веќе неколкупати јавно зборуваше за својата борба со ракот, кој му беше дијагностициран во 1992 година.
„Во 1992 година цела година се борев со болеста, колабирав четири-пет пати, прашање беше дали ќе преживеам, иако цел живот бев спортист, гимнастичар. Претпоставувам дека таа промена имаше психолошки ефект врз мене. Овде моите родители одиграа голема улога, не покажувајќи страв, гледаа позитивно на сè и на крајот тоа се случи. Инаку, додека бев уште на хемотерапија, ја завршував годината на факултет. Со отечени раце отидев на факултет, а кога закрепнав отидов да студирам во Прага, каде што дипломирав бизнис администрација – отсек маркетинг“, изјави Мили во една прилика.