Српскиот актер Милош Биковиќ во едно скорешно интервју призна дека за малку ќе ги скршел забите додека го снимал филмот „Мраз“ во Русија. Освен што одел на часови по руски за да го усоврши акцентот, тој четири месеци вежбал уметничко лизгање.
„Дел од сцените се снимени на отворено, на Бајкалското Езеро и во Сочи. Се случуваше, додека снимавме на Бајкалско, некој едноставно да пропадне во мразот, па екипата да го извлекува од водата. Мене тоа не ми се случи. Неколку пати паднав на мразот, ама еднаш беше толку силно што прво помислив дека ги скршив забите. За среќа, поминав без последици“, рекол Биковиќ во интервјуто.
Тој додал дека е среќен што со секој следен филм, продукциите многу помалку го натсинхронизираат заради акцентот.
Филмот „Мраз“ е снимен по вистинска приказна за млада лизгачка што се повредува на натпревар по уметничко лизгање, а лекарите веруваат дека ќе остане парализирана. Покрај Милош, во филмот глумат и Аглаја Тарасова и Александар Петров. Рускиот хит-филм од пред неколку дена се прикажува и кај нас, во киното „Синеплекс“.