На Емир Кустурица ќе му биде одземена филмската награда Фебиофест, која ја доби во 2017 година од чешкиот филмски фестивал, затоа што јавно ја поддржа Русија во војната со Украина. Овој предлог дојде од основачот на чешкиот фестивал Феро Фенич.
Фенич рече дека уште во 2017 година бил против тоа на Кустурица да му биде доделена наградата бидејќи режисерот и тогаш им се восхитувал на тоталитарните лидери. Тој додаде дека Кустурица, иако бил талентиран, не ги исполнувал етичките, моралните и демократските вредности и критериумите што треба да се имаат.
„Тоа се вредностите за кои се залагаме, врз основа на коишто настана фестивалот по Свилената револуција. Ниту едно уметничко дело не може да се одвои од овие вредности. Тогаш раководството на Фестивалот не ме послуша. Сега повторно барам „Фебиофест“ да му ја одземе почесната награда“, рече Фенич.
Предлогот го прифати и директорот на фестивалот, Камил Спацил, а чешките медиуми јавуваат дека наградата на Кустурица најверојатно наскоро ќе му биде одземена.
За потсетување, Кустурица неодамна ја прифати понудата на рускиот министер за одбрана, Сергеј Шојгу, да ја преземе функцијата генерален директор на Централниот академски театар на руската армија.