Не планирав дете со Ана: Раста за љубовта и неуспешниот брак со српската пејачка

Бракот на раперот Стефан Ѓуриќ Раста и пејачката Ана Николиќ многумина го сметаа за еден од најтурбулентните на јавната сцена во Србија. И по разводот тие се блиски, особено откако лани Раста беше уапсен, а Ана му беше најголема поддршка додека беше во затвор. Сега, во интервју во емисијата „Во тренд со Зока“, Раста искрено зборуваше за ќерката Тара, за љубовта и зошто бракот со Ана морал да заврши, а призна и дека не планирал да има дете со неа.

„Ана и јас уште веднаш кликнавме, најдовме иста точка околу која се вртиме. Кога се занимавате со уметнички работи, каде што давате дел од вашиот личен израз, некои работи лесно се испреплетуваат и тука се создава некаква врска. Тоа ми се случи со Ана на прв поглед“, вели Раста.

На прашањето дали знаел дека Ана ќе биде неговата сопруга и мајка на неговото дете кога таа првпат влегла во неговото студио, тој вели: „Искрено не. Никогаш не планирав нешто што нема врска со бизнисот да стане дела од мојот живот. Дозволив сè да се случи природно, па дали беше паметно или не, не знам. И бракот со неа се случи природно, оти ми беше убаво да сум заљубен во Ана. Само се договоривме дека ќе отидеме на матичар некој ден пред да одиме на настап. Никому не му кажавме, баш никој не знаеше дека ќе се венчаме“.

Раста раскажа и дека со Ана биле долго време во врска пред да дознаат медиумите.

„Се гледавме тајно, се организиравме со часови пред да се видиме за никој да не дознае, тоа ни беше важно. Кај нас сè беше непланирано, па ни детето. Јас воопшто не мислев дека ќе станам татко, не размислував да имам бебе затоа што имам триесет години и сега сум во време кога треба да создавам потомство, не, тоа едноставно се случи. Луѓето ми велеа дека бебето ќе ме промени, ама јас не мислев дека тоа може да ми се случи“, раскажал раперот.

Тој вели дека со Ана имале интензивна врска од почетокот до разводот, а признава дека и сега често се караат.

„Беше тоа турбулентна врска, не во смисла дека имавме многу кавги. Нашата врска беше како спот што постојано се врти и кога ќе заврши почнува од почеток. Патувавме постојано, одевме на забави, живеевме живот, беше како во филм. Во еден момент, иако ни беше убаво, знаев дека врската со Ана ќе заврши. Мораше да заврши“, вели тој.

Раста вели дека иако се разведени, меѓу нив уште има многу љубов, а тоа го почувствувал и кога бил во затворот.

„Сфатив дека се сакаме и дека секогаш ќе се сакаме кога бев во затвор. Ние секогаш бевме толку посветени еден на друг, не беше здраво. Тоа не беше врска во која ги завршувате обврските, туку ние бевме 100% посветени еден на друг“, додал тој.

 

Scroll to Top