Веб-страницата Celebrity Networth откри колку се богати познатите личности од светот на забавата, спортот, но и кои се најбогати во регионот. Според податоците на светски познатата интернет-страница, Новак Ѓоковиќ е најбогат со 220 милиони долари. По него се Драгана Мирковиќ и Дино Мерлин.
Ѓоковиќ е еден од најдобрите тенисери на сите времиња. Во 2016 година тој стана првиот играч што ги освои сите три големи титули на три површини. Тој е и единствениот машки тенисер што ги освоил сите девет турнири на мастерс 1000-серијата. Во текот на неговата кариера тој беше прворангиран играч на АТП во пет одделни наврати. Ѓоковиќ е познат по ривалството со Рафаел Надал и Роџер Федерер, а тројцата играчи заедно ги одиграа некои од најзабавните натпревари во историјата на тенисот.
По Ноле се Драгана Мирковиќ и Дино Мерлин. Според извештајот на оваа страница, тие имаат по 100 милиони долари. Мерлин е еден од најпопуларните и најуспешни уметници од Босна и Херцеговина, свири гитара, бас-гитара и клавијатури. Драгана Мирковиќ, пак, поседува вила од 50 милиони евра, во која има и балска сала.
Цеца Ражнатовиќ има богатство од 80 милиони долари. Таа има кариера од 1988 година и е една од најплатените српски пејачки. Има издадено 19 студиски албуми. Нејзин најпродаван албум е „Деценија“, кој го издаде во 2001 година и кој во тоа време се продаде во 550.000 примероци.
На списокот е и Јелена Карлеуша, а нејзиното богатство се проценува на 40 милиони долари. На веб-страницата Карлеуша е опишана како една од најпопуларните пејачки на Балканот, која во кариерата издала 10 студиски албуми, а добитничка е и на повеќе музички награди.
Пејачот Здравко Чолиќ, кој има богатство од 20 милиони долари, важи за една од најголемите ѕвезди во регионот. Популарен е во целата поранешна Југославија, а го нарекуваат српскиот Том Џонс. На крајот на 2019 година Здравко успеа да наполни шест белградски арени со турнејата наречена „Тоа малку среќа“ и со тоа постави рекорд кога се во прашање домашните изведувачи и нивниот успех во музичкиот свет.
Музичарот и текстописец Горан Бреговиќ може да се пофали со богато искуство на домашната сцена, но и со странски соработки. Неговото богатство се проценува на 20 милиони долари. Тој е најпознат по тоа што е водечки гитарист на групата „Бјело дугме“. Бреговиќ сними неколку филмови, меѓу кои „Висечка куќа“, „Глув барут“, „Кудуз“, „Сонот на Аризона“. Тој компонира песни и за многу популарни уметници, вклучувајќи го и Иги Поп.
Лепа Брена има нето-богатство од над 16 милиони долари. Таа е најпродаваниот женски уметник во поранешна Југославија со продадени повеќе од 40 милиони плочи. Брена се појави и во неколку филмови и телевизиски серии. Пејачката е во брак со некогашниот тенисер Боба Живоиновиќ, со кој изгради вистинска империја.