Основното јавно обвинителство во Ниш поднесе обвинение против глумецот Драган Бјелогрлиќ за насилничко однесување против режисерот Предраг Антонијевиќ и предложи тој да биде осуден на шест месеци казна затвор. За стореното кривично дело, според српскиот закон, казната може да биде од шест месеци до пет години затвор, пренесува „Новости“.
Според порталот, Бјелогрлиќ, преку својот адвокат понудил во неговиот случај да се примени принципот на можност, односно обвинетиот да плати 100.000 динари во добротворни цели, без да биде кривично гонет. Но, обвинителството го одбило овој предлог и поднело и официјална кривична пријава против Бјелогрлиќ.
За потсетување, Бјелогрлиќ го нападна и со тупаници и клоци го удираше режисерот Антонијевиќ во лобито на хотел во Ниш, каде што престојувале двајцата. Антонијевиќ поднесе пријава, по што Драган беше приведен во затвор, каде што наместо 48 часа, остана еден ден. Тој јавно изјави дека кажал сè во полиција, но дека причината за нападот биле вербалните навреди и лаги што за него ги раскажувал Антонијевиќ со години.
Режисерот, пак, тврдеше дека Бјелогрлиќ пред неколку години се обидел да го подмити за да добие проект од Министерството за култура, но Антонијевиќ го одбил, а во еден момент во јавноста ги објави и мејловите што му ги праќал Драган.