Свеченото одбележување на големиот јубилеј на МНТ започнува на 30 март со стенд-ап шоуто „Шоубиз“ (SHOWBIZ), во изведба на белградскиот и светски познатиот актер Никола Ѓуричко. Наградуван актер и во театарот, филмот и телевизијата, чија долга и успешна кариера му го отвори патот до значајни улоги на холивудската сцена. Тој е долгорочно поврзан со Југословенското драмско позориште (ЈДП) во Белград, каде беше постојан член на ансамблот уште од 1995 година и каде реализира бројни успешни театарски улоги, а од крајот на 2019 година живее и работи во Лос Анџелес, САД.
Ѓуричко e светски препознатлив и по улогата на Јури во хит серијата „Stranger Things“, како и во филмот „World War Z“ и други меѓународни продукции.
По три години од успешниот стенд-ап „Сѐ што сакавте да знаете за Џони, а никогаш не се осмеливте да го прашате“, Ѓуричко подготви нова програма под наслов „Show biz“, со која настапува низ Србија, регионот и дијаспората во рамки на големата турнеја.
Новиот материјал, како и претходниот, е потпишан од актерската ѕвезда и се однесува на неговиот живот, кариера и семејство. И оваа шоу-програма на духовит начин ги раскажува интересните детали од неговиот живот и професионален пат.
„Show biz е моето ново стенд-ап шоу. Речиси три години не настапував, па се зажелев за луѓе, за публика. Имам многу нов материјал… тоа се само некои нови животни искуства и сознанија, кои сакам да ги споделам со луѓето, како на пример, зошто ме фаќаа за јаката, зошто морав да присуствувам на породување или зошто го пријавив син ми во полиција.“, вели Ѓуричко.
Вечерта на 30 март, Ѓуричко најавува вечер исполнета со хумор, анегдоти и лично сведоштво од меѓународната кариера.
Неговиот настап е дел од роденденската прослава на МНТ. Во чест на првата претстава во Македонскиот народен театар, изведена на 3 април 1945 година, мината година, театарот одбележа 80 години од постоењето. Годинава продолжува со одбележувањето на јубилејот и на 81 година од постоењето. Роденденот на МНТ беше одбележан со македонски сценски спектакл, каде беше степенувана важноста на ансамблот на МНТ и претстави од македонски автори, кои оставија достоинствен белег во институцијата. Годинава пак, прославата се надоврзува на таа традиција, со ново проширување — рецентни меѓународни гостувања и настапи на светски познати уметници, како сведоштво за континуитетот и современата визија на театарот.
Билетите се пуштени во продажба онлајн, како и на билетарницата во МНТ.
Текстот Од Белград до Лос Анџелес: Ѕвездата на „Stranger Things“ – Никола Ѓуричко настапува во МНТ за роденденеската прослава е превземен од МАКФАКС.






