Легендарниот југословенски филм „Убавината на порокот“ (Lepota poroka) доживеа реставрација и дигиталното издание на филмот ќе се прикажува следната недела во рамките на проектот „Вип кинотека“ во Белград.
Славната актерка Мира Фурлан во разговор за „Данас“ зборуваше за снимањето на филмот, за голотијата, но и за случувањата што ја прекинаа нејзината кариера во поранешна Југославија.
„Убавината на порокот“ го прикажа сексуалното ослободување на една жена од внатрешноста на Црна Гора откако ќе замине да работи во нудистички камп. Филмот е полн со сцени со голотија, а има и секс во тројка.
„Нашите режисери не знаеја што да прават со актерките освен да ги соблечат голи. Не сум сигурна дали некој ја забележа разликата меѓу вообичаеното, беспричинско, воајерско и простачко сексуализирање на жената во нашиот филм од обидот на (режисерот) Живко (Николиќ) во овој филм да проговори од позиција на жената како аутсајдер во општеството“, рече Фурлан, која неколкупати се има разголено во култни југословенски филмови.
Фурлан вели дека дури сега согледува колку родителите либерално ја воспитувале, со оглед на тоа дека во нејзината рана младост се сметала за еднаква со мажите и не ја допирале навредите и сексизмот. Актерката пред новинарите рече дека сексуалното вознемирување во Југославија било секојдневие.
„Сексуалното вознемирување беше водухот што го дишевме, нешто што мораш да го сфатиш како факт со кој живееш, инаку не можеше да се опстане. Главно, правевме сѐ за да ги спасиме мажите од нивното сопствено самопонижување“, заклучува таа.