Легендарниот фудбалски стратег и поранешен југословенски селектор Ивица Осим почина утрово на 81 година возраст. Тој починал во Грац, Австрија, каде што живееше во последните неколку години.
Ивица Осим е роден во Сараево во 1941 година. Како што растел на Грбавица, активно почнал да тренира фудбал во „Железничар“. По заминувањето од јуниорите, почнал да игра за првиот тим во сезоната 1959/1960 година, а за клубот од Грбавица играл 11 години, време во кое одиграл 250 официјални настапи и постигнал 75 гола.
Во 1970 година заминал во Франција, каде играл за „Стразбур“, „Седан“ и „Валенсиен“.
Фудбалскиот Штраус, како што го нарекуваа поради русата коса, играше и за репрезентацијата на поранешна Југославија, а имаше 16 настапи и постигна осум гола. Тој беше еден од главните играчи во освојувањето на второто место на Европското првенство во 1968 година.
За тоа време тој беше некарактеристично висок играч со долг чекор. Пленеше со својата неверојатна техника и леснотијата со која ги поминуваше противничките играчи. Прогласен е и за најдобар играч во Југославија во 1967 година.
Играчката кариера ја заврши во 1978 година, по што стана многу успешен тренер. Го водеше „Железничар“ од 1978 до 1986 година. Беше и селектор на југословенската репрезентација, тренер на „Партизан“, „Панатинаикос“, „Штурм“, „ЏЕФ Јунајтед“, а последен тренерски ангажман му беше како селектор на Јапонија.