Еден од најдобрите машки вокали на овие простори и миленикот на целиот регион, Саша Матиќ, ќе одржи ексклузивен концерт во Битола и тоа на 6 јули на „Ракометно игралиште“.
Овој концерт ќе биде посебен и автентичен, бидејќи претставува круна на досегашната богата кариера на Саша Матиќ. За неговите настапи и концерти секогаш се бара карта повеќе, а ова лето, Битолчани и сите оние кои ќе бидат присутни, ќе можат да уживаат во безвременските хитови кои години наназад го држат на самиот врв на српската музичка сцена, вели организаторот.
Музичарот чии дела потсетуваат дека убавината не се гледа со очите, туку се слуша и чувствува со душата, првпат на сцена застанал во далечната 1994 година, каде што ја отпеал „Зајди, зајди“, песна која му го отвори патот кон естрадното ѕвездено небо.
По неговиот прв хит „Маскара“, големите музички познавачи тврдеа дека Саша Матиќ ќе владее со музичката сцена. И не погрешија. Година по година се нижеа хитови, а Саша со секој албум поставуваше нови стандарди на музиката. Преполните сали и громогласните аплаузи се потврда за неговиот квалитет, но и големина.
Зад себе има повеќедецениска кариера, неколку арени и нашите срца во неговите стихови. Додека низ смеа ги прифаќа шегите на своја сметка за оштетениот вид, Саша Матиќ вели дека е среќен и исполнет човек, кој не се осмелува од животот да бара нешто повеќе.
На 6 јули, Саша Матиќ со задоволство ќе приреди спектакл во Битола и ќе ја потсети публиката на своите најубави балади.