Славен Билиќ: Драго ми е што мојата порака спаси живот

Тренерот на Вест Бромвич Албион, Славен Билиќ, ги воодушеви фановите со неговата порака, која ја испрати до Питер Џорџ, голем фан на тимот, кој бил во кома. Откако семејството на Џорџ му ја пуштиле пораката од Билиќ, тој се разбудил. Џорџ е верен фан на клубот, а лекарите го ставиле на респиратори, затоа што се заразил со корона.

Тој бил во индуцирана кома и малку фалело да почине, велат од неговото семејство. На Џорџ почнале да му откажуваат органите, а сопругата Тереса почнала да му испраќа пораки на поддршка кои не допирале до него. Тогаш се сетила да му пушти навивачка музика.

„Отсекогаш беше луд за тимот и си помислив да му пуштам навивачки песни. Замолив еден мој пријател диџеј, да направи компилација од некои песни. Тогаш нозете и рацете на Џорџ почнаа да мрдаат. Тоа беа првите знаци на живот кои ги видов, откако го ставија во кома“, вели Тереса.

Приказната допрела и до водечките луѓе во клубот, со кои контактирале од семејството на Џорџ.

„Двајцата најомилени играчи на Џорџ беа Крис Брунт и Боб Тејлор. Дали може да снимите пораки за поддршка? И Славен Билиќ исто? Тоа би било прекрасно“, ги замолила Тереса водечките луѓе во клубот.

Не требало двапати да ги замоли. По неколку дена медицинските сестри ја пуштиле пораката на Билиќ.

„Здраво Питер, Слав е тука. Слушај, потребен си ни назад. Продолжи да се бориш. Слушнав дека си вистински фан и потребен си ни назад на мечевите. Чувај се и се гледаме за брзо време. Бог да те благослови“, изјавил Билиќ во видеото кое клубот го објави на социјалните мрежи.

Џорџ реагирал на праката и набрзо потоа бил тргнат од респираторот. Потоа се опоравил од коронавирусот и бил пуштен дома.

„Знаете, јас тоа не го сметам за никакво херојство и не би сакал посебно да го истакнувам. Среќен сум што човекот сега е поздрав, што се спаси и тоа е најважно. Драго ми е што мојата порака му помогна во најтешките моменти во неговиот живот. Моите играчи и јас направивме убава работа и сè се заврши добро“, изјавил Славен Билиќ.

Иако тренерот бил скромен, неговиот гест е за секаква пофалба. Не може секој навивач на светот да се пофали со тоа, дека тренерот на неговиот омилен клуб, одвоил време за него и му снимил порака, пишуваат медиумите.

Питер Џорџ остана жив и веројатно едвај чека повторно да ги гледа натпреварите на својот омилен клуб. Оваа сезона навивачите, нема да можат да одат на натпреварите на островот, ако се играат. Но, затоа идната сезона би можеле. Сите навивачи на ВБА, се надеваат дека нивниот тим наредната сезона ќе игра во Премиер лигата.

„Сеуште е неизвесно. Не се знае дали ќе има продолжение на сезоната и ако има, кога ќе почне. Ние пред неколку дена почнавме да тренираме. Работиме во групи, по тројца играчи. Чекаме да видиме што ќе се случи. Подготвени сме на сè“, вели Билиќ.

(Видео) Славен Билиќ му помогна на навивач да се разбуди од кома

 

 

Scroll to Top