Со подигање на знамето на виножитото пред палатата „Србија“ во Белград почна „Европрајд 2022“

Денеска со подигање на знамето на виножитото пред Палатата Србија во Белград официјално започна манифестацијата Европрајд 2022 или Неделата на гордоста, која ќе ги слави уметноста, љубовта и слободата со низа културно-уметнички настани и едукативни работилници.

За кума е избрана популарната хип хоп пејачка и текстописец Ивана Рашиќ, попозната како Сајси МС.

Во центарот на Белград е забележано засилено обезбедување од страна на итните и полициските единици, бидејќи концентрацијата на полициски возила е пред и околу Домот на млади, каде што ќе се одржуваат одредени настани, со оглед на тоа што таму е сместен и Инфо центарот на гордоста.

Горан Милетиќ кој е еден од организаторите на манифестацијата изјави дека денес за прв пат е подигнато знамето на Европрајд пред Палатата Србија и посочи дека тоа значи институциите треба да го извршат својот дел од работата што поскоро и дека не постои ниту една причина зошто законот да не почне да се применува веднаш.

Другиот организатор, Марко Михаиловиќ истакна дека се чувствува посрамено поради тоа што наместо овој град да биде почеток на величествена недела за Белград, тие се наоѓаат пред институција која не направила доволно за да го заштити уставното загарантирано право.

 

Манифестацијата Европрајд 2022 треба да трае до недела (18 септември), а маршот е најавен да се одржи во сабота на 17 септември со почеток во 17:30 пред зградата на Народното собрание.

Европрајдот е најзначајниот европски настан на ЛГБТИ заедницата. Одлуката тој годинава да се одржува во Белград е позната уште пред три години со добивањето на лиценцата за одржување. Сепак, десничарските парламентарни партии, некои претставници на Српската православна црква (СПЦ) и неформални здруженија на граѓани во последниов месец преку маршеви и протести бараа забрана за одржување на парадата.

Владата на Србија соопшти дека манифестацијата нема да се одржи, но по денешното официјално отворање сè уште е неизвесно одржувањето на маршот во сабота како и програмата предвидена за неделава.

Scroll to Top