Популарната босанска група „Дубиоза колектив“ ќе настапи на „Д-фестивал“, кој ќе се одржи на 13 и 14 август во Дојран.
По тој повод групата направи специјална песна со која ја кани публиката да дојде да се забавува на летниот отворен фестивал, која ја сподели преку социјалната мрежа „Фејсбук“.
„Нема бегање од ‘Д-фестивал’“, напишаа тие во објавата.
Бендот е основан во 2003 година во Зеница, Босна и Херцеговина, од страна на водечките вокали Адис Звекиќ и Алмир Хасанбеговиќ. Во бендот настапуваат и бас-гитаристот Ведран Мујагиќ, тонскиот инженер, DJ и клавијатурист – Бранко Јакубовиќ, гитаристот Армин Бушталиќ, тапанарот Сенад Шута, перкусионистот Орхан Масло-Оха и саксофонистот Марио Шеварац.
Тие свират мешавина од реге, даб, алтернативен рок, ска и хип-хоп, а нивните текстови се со силни социјални и политички пораки.
Досега неколкупати настапувале на „Д-фестивал“, а во 2018 исто така преку специјална песна ја поканија публиката.