(Видео) Ин мемориам: Бора Чорба зад себе остави голем број хитови, кои му ја одбележаа кариерата

На 72-годишна возраст денеска почина Бора Ѓорѓевиќ, познат и како Бора Чорба, оставајќи длабока трага на домашната музика.

Бендот „Рибља чорба“ е основан 1978 година и важи за еден од најзначајните рок-бендови од овие простори, а Бора стана еден од најконтроверзните музичари во Југославија поради неговите провокативни и социјално ориентирани текстови. За кратко време групата стекна голема популарност, која трае до ден-денес. По објавувањето на албумот „Коза ностра“ во 1990 година, Бора беше обвинет за навреда на работничката класа на Југославија, но обвиненијата беа отфрлени.

Една од првите песни што доби голема популарност е „Рокенрол за куќни савет“ од 1979 година, а на деби-албумот „Кост у грлу“ се најде и хитот „Остани џубре до краја“.

По кратка пауза поради отслужување на воениот рок, групата се враќа во полна сила и во 1981 година го издаваат хитот „Остаќу слободан“, а песната „Два динара, друже“ е првата песна со која „Рибља чорба“ се најде на хит 202.

На третиот албум од истата година имаше песни, како „Пекар, лекар, апотекар“, „На западу ништо ново“, „Волим, волим жене“…

Во средината и во доцните осумдесети тие успеаја да си го обезбедат местото како еден од ретките најпопуларни бендови во Југославија, а потоа следуваа хитовите „Када падне ноќ“, „Авионе, сломиќу ти крила“, „Ја је гледам како спава“, „Где си у овом глувом хотелу“…

Деведесетитте беа одбележани со успешната работа на групата, а и покрај лошите политички услови, успеаја да опстанат благодарение на песните „Кад сам био млад“, „Зелена трава дома мог“, „Гастрабајерска песма“…

Во 2001 година „Рибља чорба“ го издава албумот „Пишање уз ветар“, на кој се најде големиот хит „Љубав овде више не станује“, а по овој албум, Бора продолжи со тажни љубовни песни, кои биле инспирирани од настани од неговиот приватен живот.

Scroll to Top