Пејачите Јелена Томашевиќ и Бојан Маровиќ, кои вчера настапија на концертот „Со љубов за Тоше“ во Крушево, утрово го посетија неговиот гроб. Заедно со Мартинијан Кириловски, неколку нивни пријатели и градоначалникот, тие запалија свеќи, положија цвеќе и се поклонија на гробот на Тоше. Не ја криеја тагата и колку им е тешко секојпат кога ќе дојдат на Гумење, а тука ќе ги преплават сеќавањата поврзани со починатиот пејач.
Скоро секогаш кога ќе дојдат во Македонија, Бојан и Јелена одат во Крушево да го посетат гробот на Тоше, но и куќата на неговите родители. Двајцата со многу емоции зборуваат за пријателството и спомените, но и за неговите песни што ги пеат на своите настапи. За „Репортер“ велат дека иако поминаа 15 години, тагата не поминува, но среќни се што и денес публиката го сака, ги пее неговите песни и го чува споменот на Тоше.
„Емоциите беа измешани, но мене ми беше чест да настапам на првиот концерт што се одржа во неговото родно Крушево. Дојдоа многу луѓе за заедно да го прославиме постоењето на уметник каков што е Тоше. Навистина мислам дека сите сме привилегирани што сме негови современици и што бевме сведоци на еден вонсериски талент, на еден голем човек во секоја смисла. Тој засекогаш останува во нашите срца“, рече Јелена за „Репортер“.
Своја приказна има и Бојан, кој го познаваше Тоше од неговите почетоци, се дружеа и заедно често пееја на фестивалите во регионот.
„Секој концерт е различен, но кога се прави концерт во негова чест, чувството е секогаш исто, многу испреплетени емоции и спомени. Синоќа имаше многу луѓе кои не го познаваа лично, но го имаа истото чувство како и јас, а тоа може да го поттикнат само добри луѓе. Без оглед што поминаа 15 години, не е точно дека времето ги поправа работите. Времето само ги става во главата во некој друг фолдер, но секогаш се случува тој момент на вистината со кој се соочуваш кога си на сцената, кога пееш за него, ги пееш неговите песни, а него го нема на таа сцена. Вчера и сцената и пред сцената имаше многу луѓе, а на само 20 метри оттаму почива Тоше“, рече за „Репортер“ Бојан.
На концертот посветен на Тоше и 15 години од неговиот последен концерт во кариерата, пееја и Каролина Гочева, Дани Димитровска, Бени Шаќири, Јоце Панов и многу други.