Во Сараево вчера се случувала вистинска драма со пукотници, престрелка во која пукале во раперот Буба Корели и неговиот братучед.
Босанските медиуми објавија дека било пукано во раперот Амар Хоџиќ, попознат како Буба Корели, а во пукањето бил ранет Омар, роднина на Корели. И двајцата биле пренесени во Клиничкиот центар на Универзитетот во Сараево.
Пукањето се случило во сараевската населба Ступ вчера попладне, од каде што е објавено и видео од престрелката, снимено од жителите на околните згради.
Кога се прошири веста за пукотниците, Буба Корели за босанските медиуми изјави дека никако не е поврзан со немилиот настан.
„По повод вчерашниот инцидент, дојде до споменување на моето име. Јас, Амар Хоџиќ, се најдов во погрешно време, на погрешно место и никако не сум поврзан со пукањето“, рекол Корели.
Сараевската полиција го истражува случајот и досега има уапсено само едно лице, изјавија од Министерството за внатрешни работи на Босна и Херцеговина.