„Ќе пеам додека сум жив“, вака Халид Бешлиќ пред три години, кога го даде последното интервју за „Репортер“ одговори на прашањето како ќе издржи да пее имајќи предвид дека само неколку месеци претходно преживеа тешка сообраќајка, а пред сообраќајката имаше и операција на срце.
„Ми вградија два стента. Јас не ни одев на лекар претходно, ама почнав да чувствувам замор. На последниот концерт пеев седнат на стол. Е, потоа ми открија затната артерија и веднаш во болница, ме ставија на апарати. Операцијата помина во ред и еве ме, фала богу, добро сум“, откри Бешлиќ за „Репортер“ на почетокот на ноември пред три години кога направи и голем концерт во Скопје по подолга пауза.
Со посебни емоции Бешлиќ во интервјуто зборуваше за сопругата со која рече дека е од минатата ера.
„Сејда ми е сè. Да сум разведен, немаше пак да се женам“, рече Бешлиќ.
Во интервјуто тој зборува за приватниот живот, за тоа како од настап во биртија стана најпопуларен пејач, и зошто парите и славата никогаш не го променија.
Бешлиќ почина денес во Сараево, на приближно еден месец пред да наполни 72 години.