Српскиот актер Драгомир Бојаниќ Гидра, најпознат по својата улога на Жика во „Жикина династија“, уште од најраното детство доживеал огромни трагедии. Но тој никогаш не дозволувал да влијаат врз него, па преку своите улоgи уживаше да ги засмејува луѓето ширум поранешна Југославија.
Гидра е роден на 13 јуни 1933 година во Крагуевац. Уште како дете останал сирак, откако мајка му Новка починала од туберкулоза, а на 10-годишна возраст останал и без својот татко Јован, офицер на српската војска кого го стрелале во 1943 година за време Втората светска војна. Бидејќи бил целосно сам, постојано барал начин како да се прехрани и што поскоро да најде работа која ќе му донесе пари. Се запишал во училиште за преработка на месо, овошје и зеленчук во Крагуевац, а по матурата се вработил во фабриката за конзерви „Црвена ѕвезда“.
Актерот во едно од своите интервју од почетокот на седумдесеттите години објасни како завршил во светот на глумата.
„По професија сум занаетчија. Имам квалификација стекната во Крагуевац, хемиско-технолошки отсек. Со актерство почнав да се занимавам по потреба на службата во крагуевската фабрика за конзерви . Потоа преку аматерскиот театар ‘Свети Младеновиќ’ дојдов во Народниот театар во Крагуевац, чиј член бев долго време“.
Откако се покажал како неверојатен талент, колегите од ансамблот на уметници во Крагуевац, каде што работел, со заеднички сили собрале пари за да замине во Белград и да се запише на академија. Тој се запишал уште при првиот обид, а во текот на првата година од студиите почнал да глуми на сцената на Народниот театар во Белград.