Жељко Самарџиќ: Јас сум народен човек, на обожавателите им честитам родендени со видеопораки

Жељко Самарџиќ беше во Скопје, на промоција на својата нова песна „Знам“ која ја снимија со Калиопи. Во разговорот ни откри дека секогаш со задоволство пее во Македонија, и дека тоа навистина го мисли, затоа што, како вели „љубовта не можеш да ја скриеш“.

Вели дека е свесен дека публиката го сака, и особено е горд што и врсниците на неговиот внук ги знаат неговите песни. „Песните се мое оружје, а јас ги пренесувам чувствата на луѓето. Веројатно тоа е една од причините што допирам до мојата публика“, открива Жељко Самарџиќ во разговорот за Репортер.

Не е тајна дека е многу едноставен и дека никогаш заради популарноста не се чувствува над другите. „Оние кои ме познаваат знаат дека јас и со видеопораки честитам родендени на мои обожаватели, им праќам пораки на инстаграм, ма јас сум народен човек и таков ќе останам“, вели Жељко.

Зборувавме и за Марина Туцаковиќ, чии песни му ја отворија вратата на популарноста. „Најлошо се чувствувам кога ќе отидам таму на гробишта, гледам три гроба, а Фута стои до мене скршен. Марина живее со песните и таа е дел од мене“, вели Жељко. Најави и голем концерт во Македонија, иако како вели не само Скопје, се радува во секој град каде што доаѓа да пее.

А.Георгиев

Scroll to Top