„Златна бубамара“ ќе му додели награда за животно дело на Жељко Бебек

Легендарниот музичар и поранешен пејач на „Бијело дугме“, Жељко Бебек, ќе добие Златна бубамара за животно дело, соопштија организаторите. Тој ќе се појави пред скопската публика на 12 мај во арената „Борис Трајковски“, кога под мотото „Да живнеме“ ќе се одртжи 25. издание на музичкаа манифестација.

„Со ‘Бијело дугме’ Бебек сними 12 албуми кои се основа на антологијата на ексју рок-музиката. Уште во време на постоењето на ‘Бијело дугме’ тој сними и неколку соло албуми, чија популарност не беше ни приближна на онаа постигната со хитовите на ‘Дугме’. Според општата оценка на музичката критика, Бебек на секоја песна на ‘Бијело дугме’ ѝ даде единствено доживување што никој друг пејач не успеа до го постигне. Откако ја напушти групата сними 14 албуми, од кои излегоа некои големи хитови, кои го потврдуваат и натаму неприкосновениот примат на Бебек како еден од најдобрите машки вокали во поширокиот регион“, велат од Златна бубамара во образложението за наградата.

Роден во 1946 во Сараево, Бебек уште во училишните денови научил да свири на мандолина, па потоа и на гитара. Во гимназија почнал да пее со групи, прво со „Ехо 61“, чиј член бил Корнелије Ковач. Во 1960-тите години преминал во групата „Кодекс“, една од позначајните сараевски групи во тоа време. Во 1969 се сретнале со Горан Бреговиќ и почнале да настапуваат заедно во Италија. По ова релативно неуспешно искуство, Бреговиќ и Бебек во 1972 ја создаваат групата „Јутро“, која во 1974 е преименувана во „Бијело дугме“, една од најголемите групи во рок историјата на бивша Југославија.

Scroll to Top