Вечерва во арената „Алтис“ во Лисабон „Ај кју“ ќе ја претстават Република Македонија на 63. Избор на песна на Евровизија. Тие ќе настапат под реден број 11 со песната „Lost and found“. Автор на музиката и текстот е Бојан Трајковски, гитарист, композитор и вокал во „Ај кју“.
Освен Бојан, на сцената ќе се појават и пејачката Марија Ивановска, тапанарот Иво Митковски и придружните вокали Антониа Гоговска, Дина Јашари и Валери Димовска. Автор на аранжманот на песната е продуцентот Дарко Димитров.
„Ај Кју“ ќе се натпреваруваат со изведувачи од уште 18 земји, а само десет од нив ќе пеат во финалето што ќе се одржи во сабота на 12 мај. За влез во полуфинале се гласа половина од телевоутинг и половина од националните жирија на земјите што учествуваат вечерта.
Во финалето на 12 мај ќе се натпреваруваат 20 земји избрани во двете полуфиналиња и уште шест земји – домаќинот Португалија и големата петорка: Франција, Германија, Италија, Шпанија и Обединетото Кралство. Од тие 26 земји ќе се избере победникот за 2018 година кој ќе биде и домаќин на следната Евровизија.
На Евровизија годинава учествуваат 43 земји. Преносот ќе започне во 21 часот на Македонската телевизија.