„Ај кју“ вечерва ќе се борат за влез во финале на „Евровизија“

Вечерва во арената „Алтис“ во Лисабон „Ај кју“ ќе ја претстават Република Македонија на 63. Избор на песна на Евровизија. Тие ќе настапат под реден број 11 со песната „Lost and found“. Автор на музиката и текстот е Бојан Трајковски, гитарист, композитор и вокал во „Ај кју“.

Освен Бојан, на сцената ќе се појават и пејачката Марија Ивановска, тапанарот Иво Митковски и придружните вокали Антониа Гоговска, Дина Јашари и Валери Димовска. Автор на аранжманот на песната е продуцентот Дарко Димитров.

„Ај Кју“ ќе се натпреваруваат со изведувачи од уште 18 земји, а само десет од нив ќе пеат во финалето што ќе се одржи во сабота на 12 мај. За влез во полуфинале се гласа половина од телевоутинг и половина од националните жирија на земјите што учествуваат вечерта.

Натпреварот веечерва ќе го отворат претставниците на Азербејџан, а последни се претставниците на Кипар. Во првото полуфинале пеат и Исланд, Албанија, Белгија, Чешка, Литванија, Израел, Белорусија, Естонија, Бугарија, Хрватска, Австрија, Грција, Финска, Ерменија, Швајцарија и Ирска. На второто полуфинале задутре се композициите на 18 земји: Норвешка, Романија, Србија, Сан Марино, Данска, Русија, Молдавија, Холандија, Австралија, Грузија, Полска, Малта, Унгарија, Летонија, Шведска, Црна Гора, Словенија и Украина.

Во финалето на 12 мај ќе се натпреваруваат 20 земји избрани во двете полуфиналиња и уште шест земји – домаќинот Португалија и големата петорка: Франција, Германија, Италија, Шпанија и Обединетото Кралство. Од тие 26 земји ќе се избере победникот за 2018 година кој ќе биде и домаќин на следната Евровизија.

На Евровизија годинава учествуваат 43 земји. Преносот ќе започне во 21 часот на Македонската телевизија.

 

Scroll to Top