Арнаудова ќе дели бесплатна спортска опрема на деца

Денес официјално стартува проектот „Здраво шампиони“, со кој здруженито за хумано-општествен развој „Проект среќа“, ќе донира бесплатна спортска опрема и бесплатни чланарини за спортски клубови за деца кои живеат во социјален ризик.

„Проектот е наменет за сите деца од 7 до 18 години кои сакаат аматерски или професионално да се занимаваат со спорт. Пријавувањето се врши преку училиштата, спортските клубови, на нашата фејсбук страница и на адресата [email protected]. Ако не спортува, детето се изолира. Без среќни деца нема среќно општество, а ние работиме на тоа да создадеме среќно општество. На сите пријавени деца ќе им биде обезбедена комплетна спортска опрема, од патики до ранец“, рече основачот и претседател на „Проект среќа“ Кристина Арнаудова, на денешната годишна прес конференција.

„Во 2017 година реализиравме шест успешни проекти во кои се вклучија 150 компании, а усреќивме околу 2.000 деца. Со проектот „И јас сум Дедо мраз“, догодина ќе конкурираме за Гинис, лани учество земаа околу 3.000 волонтери, а усреќивме околу 700 деца“, додаде Арнаудова.

На прес конференцијата, се обрати и директорот на Агенција за млади и спорт Дарко Каевски, како соработник на овој проект.

„Со радост ја подржуваме оваа иницијатива. Спортот е важен за развојот на секое дете. Очекуваме да се пријават барем околу 1.000 деца на кои ќе се трудиме да им измамиме насмевки и да придонесеме за среќно општество за сите“, изјави Каевски.

Во сабота, на 5 мај од 18 до 21 часот, во „Парк хотел спа“ ќе се одржи хуманитарна “Паста парти“ во соработка со Амбасадата на Република Италија и хотелот „Парк“ како поддржувачи на „Проект Среќа“, која исто така е во состав на акцијата „Здраво шампиони“. Целиот износ од собраните средства кои ќе се обезбедат од продадените ваучери на забавата, ќе се наменат за новите шампиони, децата пријавени за проектот „Здраво шампиони“.

„Пастата е заштитен знак на Италија, а оваа наша акција е само мал придонес за идните шампиони“, рече на прес конференцијата заменикот на италијанскиот амбасадор во Македонија, Алисио Никоре. „Децата се извор на енергија, а спортот е добар начин да им се помогне за да го подобрат квалитетот на живеењето“, додаде тој.

Арнаудова го најави следниот проект за деца, „Школо за музика и уметности“, кој ќе се реализира со помош на компанијата „Армор плус“. Здружението паралелно работи и на акцијата „Среќно матуранти“, со која обезбедува комплетен стајлинг (облека, фризура, шминка) за матуранти и апсолвенти чии семејства тоа не можат да си го дозволат. „Проект среќа“ лани го реализираше овој проект, заедно со уште пет: „Шарено лето“- бесплатен камп за деца во Маврово, „Среќна школска година“- набавка на школски прибор, помош на семејства кои живеат во социјален ризик на 17 октомври- светскиот ден на сиромаштијата, „И јас сум Дедо Мраз“- донирање на новогодишни подароци и детската едукативна театарска претстава за екологија и рециклирање, „Зелена планета“.

Scroll to Top