„Во геометријата на битието, под сенката на Пелистер, во дом над облаците, три сродни набљудувачи на животот, ги сплетија своите огледани искуства во совршениот круг на сонот, каде се отсликани трите точки на времето: минатото, сегашноста и иднината. Дистописките рефрени на Чапе, сонливиот надреализам на Деки и политактниот погон на Брадата, ткаат современа смисла, како сенки на реалноста што раскажуваат во полумрак.“, – „Трето колено“.
Сосема нова авторска музика создадена од тројца уметници, кои се препознале како креативни „сродни души“ ќе биде по прв пат изведена на концертот на групата „Трето колено“ што ќе се одржи на во Јавна соба (Public Room) на 3 април (четврток) со почеток во 21 часот.
Кога се чини дека жанровите во музиката се исцрпени, свежина стигнува од подножјето на Пелистер и нуди сосема поинаков инструментално вокален каледиоскоп од фузијата на будните соништа на искусните Дејан Петровиќ – Чапе: вокал и гитара, Дејан Марковски – Деки: вокал и гитара, Пеце Трајковски – Брада: перкусии и хармоника.
„Во геометријата на битието, под сенката на Пелистер, во дом над облаците, три сродни набљудувачи на животот, ги сплетија своите огледани искуства во совршениот круг на сонот, каде се отсликани трите точки на времето: минатото, сегашноста и иднината. Дистописките рефрени на Чапе, сонливиот надреализам на Деки и политактниот погон на Брадата, ткаат современа смисла, како сенки на реалноста што раскажуваат во полумрак.“, – „Трето колено“.
На концертот ќе бидат изведени 20 композиции, а публиката ќе има несекојдневна можност да проследи една поинаква концертна сценографија и да ги чита стиховите од бината и заедно со бендот да се нурне во оваа нова музичка приказна.
За бендот: Дејан Петровиќ – Чапс (Битола, Македонија, 1986) е дипломиран Историчар, Скопје (2011) и дипломиран дизајнер на звук за визуелни медиуми, Ванкувер, Канада (2015). Работи како freelance продуцент на амбиентална и медитативна музика, аудио за филм, видео игри, едукативни апликации, реклами, корпоративни видеа, монтажа и продукција на аудио книги и подкаст серии. Тој е основач на мултимедијалниот состав Sweet Rapscallions и арт колективот ,,Колегиум” од Битола што го организира годишниот фестивал за аудиовизуелни уметности и литература – ,,300 работи, Триста’’ – и проектот ,,Live Литературен Перформанс” (2012-2014). Работел како копирајтер во агенцијата – ,,New Moment – New Ideas” Скопје (2012), соработник на сценарио за ТВ емисијата ,,Фчерашни новости” (2017) и асистент за звук на факултетот за филмска уметност – FIOFA Охрид (2017). Тој е креатор и водител на радио емисијата ,,Сина Позадина”, емитувана на УКЛО ФМ 90,8 Битола (2018-2020). Членувал во локални музички состави од кои се истакнува бендот Промашена Инвестиција (2003-2016), настапил на разни фестивали – ,,Рок Фест”, ,,Таксират”, ,,Битола Отворен Град”, ,,Битфест”, ,,Feelmotion”, ,,Д Фест”, ,,Пин Конференција”, ,,Акто” и други. Тој е автор на кратки текстови објавени во едицијата ,,Колегиумски Записник” и автор на многубројни неконвенционални литературни дела на социјалните мрежи и интернет порталите.
Дејан Марковски, роден во Битола е музички изведувач и автор околу 15 години. Низ времето член на неколку кавер бендови и неколку годишно искуство со барски свирки. Исто така член и на два авторски проекти: “kuli” – aмбиентално – мелодичен состав, со два одржани концерти во рамките на битфест и “nine weeks” – мешавина од блуз, фанк и рок музика поткрепен со студиски албум и настапи во рамките на пиволенд и рокфест во Скопје како и на ТК ТАК фестивалот во Кавадарци. Моментално работи на соло проект “Дејание” кој засега резултира со неколку студиски снимки, со цел, во блиска иднина да се оформи албум кој ги избегнува можните жанровски рамки. Со овој проект е одржан еден официјален концертен настап во рамките на Градич фест во Нови Сад – Србија и неколку приватни (неофицијални) концерти во земјава и надвор. Во меѓувреме патувач и уличен изведувач низ земјите во Европа, последните 4 години.
Пеце Трајковски (27 мај 1981 / Битола, Македонијa) е музичар, член и коавтор на групите Фолтин и Пијан Славеј; композитор на театарска и филмска музика, како и актерско учество на сцена; идеен творец, претседател на управен одбор и програмски раководител / организатор на НУ Манифестација Смилевски Конгрес и нејзините оф програмски активности, како Kooperacija Sessions и сл. Средното образование го завршил во гимназијата “Јосип Броз Тито“ – Битола. Студирал на ФТУ Охрид и Џез одделот при музичката академија на УГД Штип. Зад себе има 11 студиски албуми, авторска музика и сценско учество во над 30 театарски претстави во земјава и странство, авторска музика и актерско учество во 13 филмови (вклучувајќи ја и музиката за номинираниот во две категории на 92-рите Оскари и добитник на три награди „Санденс 2019“, „Медена Земја“, како и меѓународно признатиот со над 10 победи и над 30 номинации „Исцелител“), учество во 3 работилници како предавач, оригинална музика за модна ревија, организација на повеќе концерти и настани, и бројни настапи во зeмјава и во странство. За својата работа е досега повеќепати наградуван. ДИСКОГРАФИЈА: 2024 – НУДИСТ / ПИЈАН СЛАВЕЈ (Skopje Jazz Festival) 2024 – ПИЈАН СЛАВЕЈ И ВИНСКИТЕ МУШИЧКИ (Live @ Xotel Music, Нижеполе, Битола) 2022 – ПИЈАН СЛАВЕЈ / ПИЈАН СЛАВЕЈ (Skopje Jazz Festival) 2021 – СИМУЛТАН БАКНЕЖ / ФОЛТИН (Охо продукција) 2020 – ТЕАТАРСКИ МИНИЈАТУРИ (Компилација од театарска музика) 2020 – HONEYLAND SUITE (Музика од филмот „Медена земја“) 2019 – МОМÓМА / ФОЛТИН (H.M.A, Skopje) 2015 – ПИЈАН СЛАВЕЈ / ФОЛТИН (Центар за Култура, Битола) 2012 – АНТИТЕЛО / ФОЛТИН (МКЦ, Скопје) 2011 – PENELOPE X (Литиум / Filter), со Никола Коџабашијa, Г. Стевковски 2008 – ОВАА ТРАНСПЛАНТИРАНА МАШИНА ЗА ЧУКАЊЕ ДОСЕГА НЕ ТИПКАЛА ЉУБОВНО ПИСМО / ФОЛТИН (КИЦ-Скопје) 2005 – LО-LЕЕ-TА-TОО / ФОЛТИН (Ding-Dong) 2003 – DONKEY HOT / ФОЛТИН (Кукузел).