Гевгелија ќе биде центар на добрата храна, виното и музиката во наредните три дена
Вечерва, во 18:30 часот, во Mega Shopping Park во Гевгелија започнува четвртото издание на гастрономско-музичкиот фестивал „Taste the South“. Од 11 до 13 септември, фестивалот ќе ги обедини локалните вкусови, традицијата, виното и музиката во тридневна програма наменета за сите генерации.
Фестивалот е бренд на Општина Гевгелија и и оваа година ја промовира Гевгелија како дестинација со автентична понуда и препознатливо јужно гостопримство.
Уште од првата вечер, посетителите ќе можат непосредно да ја проследат подготовката на домашен ајвар и да го дегустираат заедно со други локални производи. Во сабота фестивалската понуда ќе биде збогатена со смокви и различни производи подготвени од нив, додека во недела ќе биде претставена традиционалната ракија. Преку подготовката на храна пред публика и средбата со локалните производители, посетителите ќе имаат можност да се запознаат со рецептите, обичаите и вкусовите карактеристични за гевгелискиот регион.
Дел од фестивалот ќе бидат и македонски винарии со избор на вина, кои ќе ја надополнат гастрономската понуда и целокупното доживување на југот.
Музичката програма започнува вечерва, а публиката во текот на трите дена ќе ја водат „Диверзија“ и Марко „Дај побрзај“.
Програмата во петок и сабота започнува во 18:30 часот и трае до 01:00 часот по полноќ, додека во недела започнува во 14:00 часот и продолжува до полноќ.

Целосна фестивалска програма
Петок, 11 септември – Ден на ајварот
Во текот на првата фестивалска вечер ќе се подготвува и дегустира домашен ајвар.
18:30 – ЗГУД „Негорци“ од Негорци и ЗГУД „Браќа Толеви“ од Прдејци
19:30 – Филип Стојанов
20:45 – „Пауза за ракија“
22:10 – „Куку Леле“
23:50 – „Брас Брадарс“

Сабота, 12 септември – Ден на смоквата
Саботната гастрономска програма ќе донесе подготовка и дегустација на смокви и производи од нив.
18:30 – КУД „Танец“ – Миравци
19:15 – „Леге Артис“
20:15 – Кико Болеро и „Болеро бенд“
21:30 – „Нокаут“
23:15 – Игор Џамбазов и „Гуру Харе“

Недела, 13 септември – Ден на ракијата
Последниот фестивалски ден ќе биде посветен на традиционалната ракија и ќе понуди целодневни содржини за малите и за големите.
14:00 – Школа за гитари при Пионерскиот дом
15:00 – Школа за тапани при Пионерскиот дом
17:00 – Ансамбл „Бојмија“
17:45 – Танцово студио „Мистик“
18:30 – Интернационален детски музички фестивал „Калинка“
19:45 – Наталија Данаилова
21:00 – „Два Бона“
22:30 – Каролина Гочева

Фестивалот ќе се одржи од 11 до 13 септември 2026 година во Mega Shopping Park, Гевгелија.






