Во организација на „Википедија на македонски јазик“, „Споделено знаење“ и „Слоу фуд Маседониа“ првпат во Македонија се одржа фотографскиот натпревар „Вики ја сака храната“. Организаторите следниот викенд ќе ги доделат наградите на победниците, а ќе се организира и изложба на 10 најдобри фотографии.
„Вики ја сака храната“ (Wiki Loves Food) е фотографски натпревар кој е започнат 2015 година од страна на Викимедија Индија. Македонија е втората земја која воопшто го одржува овој фотографски натпревар. На овогодинешниот натпревар тема беа македонските традиционални јадења и специјалитети. На сајтот беа прикачени 915 фотографии од 67 натпреварувачи.

Победници на натпреварот се сликите „Зелник праз“ од Наташа Величковска, „Зелник праз“од Цуклев, „Свински колбаси и раженчиња на скара“ од Мила Антовска и „Ѓевреци“ од Робссмк.

Во рамки на настанот, „Слоу фуд Маседониа“ ќе го прослави Денот на Тера Мадре, кој се одбележува секоја година на 10 декември со цел да ги претстави вредностите и дејностите на ова глобално движење кое се залага за зачувување и развој на автентичните македонски вкусови.
