Градоначалникот на Општина Аеродром, Златко Марин, и в.д. директорот на Националната установа „Театар комедија“, Сашо Ристовски, денеска во просториите на „Театар комедија“ потпишаа договор за спонзорство на Меѓународниот летен фестивал на комедијата „Гола месечина“, кој годинава во јуни ќе се одржи по петтипат.
Општина Аеродром за организирање на овој фестивал што се одржува на отворено ќе додели финансиски средства во износ од еден милион денари, а исто така и логистички ќе ја поддржи манифестацијата. Сметаме дека „Гола месечина“ ќе придонесе за збогатување на културниот живот во општината и ќе ги анимира граѓаните во текот на летниот период.
Раководството на „Театар комедија“ заедно со членовите на Комисијата на „Гола месечина“ од први до 15 април ќе ги селектира домашните и странските комедии, кои ќе влезат во потесен избор за репертоарот на годинешната манифестација, по што јавно ќе биде објавена програмата.