Организаторите на музичкиот фестивал „Ентер фест“ в четврток напладне ќе одржат прес-конференција на која ќе ги откријат имињата на регионалните ѕвезди што ќе настапат на фестивалот.
Македонскиот Вудсток, како што го нарекуваат, ќе почне на крајот на мај и ќе трае шест дена. Билетот за сите шест вечери од фестивалот ќе чини само 1100 денари. За оваа сума посетителите ќе можат да уживаат во настапот на големи музички ѕвезди и над 60 бендови од целиот регион. Фестивалот ќе се одржи на две големи сцени, отворена и затворена во и околу спортскиот центар „Борис Трајковски“.
Ова е првпат Скопје да биде центар на ваков голем музички хепенинг. Организаторите очекуваат на фестивалот да дојдат љубители на добрата музика од целиот регион. Тие, исто така открија дека поради намерата ова да биде забава за сите, пивото ќе се продава за само 80 денари.