Ѓоко Ѓорчев за песната „Те сакам“ ја освои наградата „Гран при“ на годинешниот „Еврофест 2018“, кој се одржа викендов во Домот на Армијата во Скопје . Дваесет и вториот фестивал на забавни мелодии му беше посветен на Тоше Проески, кој на овој фестивал во 1998 година го отпеа својот голем хит „Сонце во твоите руси коси“.
„Еврофест“ годинава имаше две фестивалски вечери. Првата ревијална вечер се одржа во петокот на градскиот плоштад во Крушево со неколку песни на Тоше придружени со танцување на плоштадот, а продолжи со изведба на песни во чест на Тоше од страна на победниците од европските фестивали.
Втората фестивалска вечер, во саботата, традиционално се одржа во Домот на АРМ во Скопје, каде што беа доделени повеќе награди за кои одлучуваше македонско и интернационално жири. Во првиот дел од фестивалот настапија домашните изведувачи, а во вториот дел, пак, настапија гости изведувачи од: Молдавија, Гагаузија, Русија, Украина, Белорусија, Србија, Босна и Херцеговина, Албанија и Македонија.