Со вистинска експлозија од енергија, ритам и емоции, синоќа помина третата вечер од Културното лето на Општина Кисела Вода, кое годинава се одвива под слоганот „Сѐ на свое место“. Расадник повторно беше полн со луѓе, откако десетици илјади граѓани се собраа за да прослават и да уживаат во една од најмасовните музички забави што се случиле во Скопје последниве години.
На сцената настапија популарните 2Бона, Некст Тајм и Слаткаристика, кои со своите хитовски песни ја дигнаа публиката на нозе. До доцна во ноќта одекнуваа добро познати рефрени, а атмосферата беше еуфорична, преполна со енергија и музика.
На настанот се обрати и градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, кој не го криеше воодушевувањето од атмосферата и масовноста на публиката.
„Да кажам благодарам е малку. Јас ви се поклонувам, мој народе! Ова беше уште една одлична и една од најпосетените забави во Скопје изминатите години. Забава која ќе остане да се памети, а за тоа да биде така се потрудија неповторливите 2Бона, Некст Тајм и Слаткаристика. Ви се заблагодарувам на сите! Вие сте причината за ова што го работиме од срце, со елан и визија! И ова не е крај – ова само е увертира за она што следува!“, изјави Ѓорѓиевски.
Тој ги дувна и свеќичките на роденденската торта, честитајќи го празникот на општината.
Славењето продолжува и вечерва, повторно на истото место – Расадник, со последната вечер од богатата роденденска програма.
Од 20:30 часот ќе настапат стенд-ап комичарите Бојан Велевски и Маријан Георгиевски, а веднаш потоа ќе следува настап на Теа и 2 Exit, кои ќе понудат модерна изведба на македонски евергрини.