Хакерскиот филмски хит „Кој сум јас“ во Кинотеката на Македонија

Денеска, 13 јуни, во киносалата на Кинотеката на Македонија ќе се одржи проекција на германскиот хакерски хит „Кој сум јас?“ Филмот ќе биде прикажан со македонски и со албански титли, а во соработка со Гете-институтот.

Оваа криминалистичка драма, која собра добар дел од германските филмски награди во 2014 година, е приказна за младиот Бенџамин, несигурно момче што се чувствува незабележано, невидливо и безвредно. Кога со групата нови пријатели ќе го формира субверзивниот хакерски колектив CLAY, ќе се впушти во докажување на своите способности – пред другарите и пред меѓународната хакерска заедница – преку саботажа на информатичките системи на неколку владини институции и влијателни фирми создавајќи хаос во работењето и сообраќајот на градот.

Германската федерална криминална полиција и Европол му се зад петиците, а Бенџамин ќе мора да се бори против нив и да се надмудрува со својот хакерски идол и ментор – злогласниот MRX. Тој повеќе не е невидлив и незабележлив, напротив, сега сите зборуваат за него и сакаат да го уловат.

Својата премиера „Кој сум јас“ ја имаше на меѓународниот фестивал во Торонто во 2014 година, потоа следуваа Палм Спрингс, Берлиналето итн. Поради драмските пресврти и графички елементи, филмот „Кој сум јас“ често е споредуван со Финчеровиот „Борачки клуб“ од 1999 година и хит-серијата „Господин Робот“.

Режијата е на Швајцарецот Баран бо Обан, а во главните улоги настапуваат Том Шилинг, Елјас М’барек, Трине Дирхолм, Хана Херцспрунг, Леонард Кароу. Музиката на филмот е избор на германскиот продуцент и технаџија Бојс Нојз. Влезот за филмската проекција е бесплатен.

 

Scroll to Top