Хуманитарна акција за донирање храна за социјално загрозени семејства

На 6 септември од 10 до 19 часот ќе се одржи хуманитарната акција за собирање храна за социјално загрозените семејства во земјава „Нахрани 10 000“. Акцијата е во организација на мрежата „Сите сити“, а поддржана од граѓанската иницијатива „Мрдни со прст“. Во Скопје, Битола, Куманово, Прилеп, Струмица, Радовиш, Гевгелија, Гостивар, Кочани и Виница ќе бидат отворени 33 пунктови за собирање храна. Според Државниот завод за статистика, во Македонија 445.099 луѓе во просек имаат по еден оброк дневно. Од друга страна, годишно се фрлаат околу 12 000 тони вишок храна што се три оброци дневно за околу 26 000 граѓани. Вредноста на фрлената храна се проценува на околу 11.6 милиони евра.

„Целта е да се подигне свеста на граѓаните за проблемот со недостигот на храна со кој се соочуваат многу граѓани во нашата земја и да се креира можност редовно да се донира храна за нашите сограѓани преку собирање 10 тони храна еднаш месечно која ќе заврши во рацете на оние на кои им е најпотребна. Дел од организациите вклучени во овој проект работат со бездомни лица и за нив се прават посебни пакети во согласност со нивните услови за живот. Останатиот дел од организациите се задолжени да ја дистрибуираат храната до социјално загрозените семејства и до старите изнемоштени лица до нивните домови“, велат организаторите.

Идејата е настанот „Нахрани 10 000“ да се случува секој месец и да прерасне во редовна активност во која граѓаните ќе им помагаат на ранливите категории сограѓани кои не можат да си дозволат повеќе од еден оброк дневно.

„Наша цел е оваа акција да биде раширена во речиси сите градови низ земјава. Веруваме дека македонските граѓани се хумани и дека безрезервно ќе ја поддржат оваа акција да донираат за нашите сограѓани, кои не можат да си дозволат повеќе од еден оброк дневно“, додаваат организаторите.

Организаторите апелираат до хуманите граѓани да донираат храна што не е лесно расиплива како: ориз, грав, сол, шеќер, брашно, тестенини, масло за готвење, грашок, конзервирана риба, супа, бисквити, кечап, леќа, конзервирано овошје и зеленчук.

Акциите ќе се случуваат на следниве локации:

Во Скопје во Сити Мол, Трговски центар Зебра – Капиштец, Гиго маркет – Радишани, Веро Џамбо, Гиго маркет Драчево, Тинекс на Првомајска, Народна кујна при црквата Свети Петар и Павле, Тинекс Ѓорче Петров, Кит-Го маркет Автокоманда, С-маркет во Ченто, во близина на Капитол мол (Аеродром), Тинекс пред Драмски театар во Карпош, Тинекс на ул. Асном
Во Битола Тинекс на ул. Захарија Шумљанска 5 (Прилепска), Кам маркет 1 (на ул. Васко Карангелески б.б.), Кам маркет 1 (на ул. Васко Карангелески б.б.), Кам маркет 2 (на ул. Коле Неделковски б.б.), Веро Горно во Битола, пред Беком Јавор во Битола
Во Куманово Тинекс (центар), пред Елида маркет (кај Стопанска банка)
Во Прилеп на плоштадот кај споменикот на Марко Цепенков
Во Кочани пред Тинекс маркет и пред автобуската станица
Во Струмица кај маркет Здравец (до главната пошта) и кај техничкото училиште „Никола Карев“ на плоштадот „Гоце Делчев“
Во Радовиш на плоштадот
Во Гостивар пред ЕТЦ маркет, пред Монтенегро мегамаркет
Во Гевгелија во центарот на градот
Во Виница пред Централ Макпрогрес (кај стариот плоштад) и пред Жито маркет

Scroll to Top