Од 30 март до 1 април во Националната и универзитетска библиотека „Св.Климент Охридски“ Скопје се одржа 17. Моден викенд. Најголемото модно шоу во Македонија започна со заедничката ревија на Роберт Ивановски и Евгенија Зафировска. Ивановски инспирацијата за најновата колекција The garden of earthly delights ја нашол во истоименото дело „Градината на земните задоволства“ од Хиеронимус Бош од 16 век, кое сега е сместено во музејот „Прадо“ во Мадрид.
„Тоа е модерна, урбана колекција со отпечатоци од сликата во комбинација со црна ткаенина“, рече тој.
Колекцијата на Зафировска е „Архитектура во движење“.
„Веќе некое време сум импресионирана од архитектурата. Моја инспирација за оваа колекција е Кензо Танге, јапонскиот архитект кој го обнови мојот роден град Скопје,“ вели таа.
Авангардната колекција на Кali Rose by Katarina Luka е инспирирана од филмот „Лудиот Макс“. Дизајнерката престави 25 женски и машки комбинации во кои доминираа црната боја со многу кожа.
По неа пред публиката се претстави Зана Алиу со колекцијата Red & Тhe spectrum.
„Тргнав од мојот личен карактер, а себеси се сметам за феминистка. Црвената боја, пак, асоцира на желба, страст, љубов, женственост. Преку колекцијата патуваме низ животот секогаш со убави тонови, тоа е мојот одговор за квалитетно живеење,“ вели Алиу.
Првата вечер на 17. Моден викенд Скопје ја затвори ревијата на Fingerprint и нивната колекција Macedonian beauty. Дизајнерите претставија маици со 16 различни принтови.
Втората вечер ја отвори заедничката ревија на студентите од Факултетот за арт и дизјан при ЕУРМ, наречена Text me, на која 15 студенти ги прикажаа своите креации.
Потоа публиката ја виде колекцијата на Bernasaraci од Косово наречена симболично „0000“.
„Колекцијата ја карактеризираат чисти кроеви, прилично лежерен став, дополнета со софистицираност и моќ“, вели дизајнерката Сарачи.
Најновата колекција на Atelier Kocareva е наречена Boundless. Моделите се наменети за жената која дефинира свој личен стил и одбива да се вклопи во стереотипите во животот и модата. Целата колекција изобилува со свечени комбинации во три бои, парчиња со нагласен струк, голи раменици, набори, проѕирни делови.
Втората вечер ја затвори ревијата на Pallada и колекцијата El sueno.
„Колекцијата која ја работевме заедно со мојата мајка, Снежана Палада, е составена од 15 креации уникатни и рачно изработени. El Suеñо што од шпански се преведува како ‘Сонот’, е произлезено од темата на самата колекција,“ рече Алек Палада.
Последната вечер започна со ревијата на дизајнерката Сара Реџиќ која стои зад брендот Sari Gi. Таа ја претстави колекцијата La vie en rose. Брендот Yilka Brada од Косово ја промовираше колкцијата Modish. Јагода Пачемска од арт-студиото „Фа-Бу“ која со години изработува креации од свежо цвеќе, имаше ново претставување на Моден викенд Скопје.
За прв пат на модниот викенд се претстави „Ателје Магдалена“ со колекцијата „Будење“.
17. Моден викенд Скопје заврши со ревијата на Олгица Ѓоргиева и колекцијата Destination. Инспирација за колекцијaта е книгата „Мемоарите на една гејша” од Артур Голден.
„Моделите се со чиста линија, минималистички израз, а на моменти материјалите се облагородени со детали или принтови. Доминантна е белата боја, а од материјалите се застапени вискоза, памук, жоржет и верзии на сатени,“ рече дизајнерката.
Моден викенд Скопје за сезоната пролет-лето 2018 се одржа под мотото What feeds your imagination?