„Кабадајас“ промовираше нов албум

Македонскиот музички бенд „Кабадајас“ вчера го промовираше новиот албум „Од понеделник“. Албумот го издаде концертната агенција и продукција „3 гонга“. Концертната промоција на албумот е закажана за 2 мај во ноќниот клуб „Станица 26“.

Во „Кабадајас“ членуваат Џоле Максимовски на бас-гитара, Дино Милосављевиќ на тапани и перкусии и Зоран Костадиновски на гитара. Специјални гости на албумот се вокалистките Марија Димитријевиќ и Светлана Јовановска – Трајкоска и Павле Васиљевиќ на клавијатури.

„Создадовме модерна инструментално-вокална музика, џез амбиент со скопски, а светски шмек. На овој албум композитори сме Зоран и јас, но и Дино, кој ритмички ги оплеменува нумерите. За аранжманите сме задолжени сите. На албумов има две вокални песни. Едната од нив е со текст, песната ‘Летаме’ која јас ја напишав“, рече Максимовски.

Бендот постои од 2011 година. „Од понеделник“ е нивен втор албум. Првиот албум се вика „IV“ и издаден е 2012 година.

Scroll to Top