В недела, на 28 јануари, со почеток во 21 часот во ноќниот клуб „Станица 26“ концерт ќе одржи групата „Морал“. На концертот ќе ги отсвират песните од нивниот последен албум Coffeine Blues, но и сите хитови од првите два албума. На последниот албум на „Морал“ гостуваат неколку музичари: Слаткар, Тамара Тодевска, Игор Џамбазов, Венко Серафимов, Димитар Божиков, а дел од нив ќе настапат и на концертот.
Автор на речиси сите песни на овој современ хард-рок бенд е Славчо Стојановски.
„По долго време повторно ќе свириме во Скопје. Посакувам сите поклоници на вистинскиот рок и на македонската музика да присуствуваат на овој концерт и да ни помогнат да направиме свирка што ќе се памети“, вели Славчо.
Вокалист на бендот последните години е Влатко Илиевски.
„Концертот ќе биде промоција на новиот албум, а ќе свириме и песни од изминатите 35 години, од самите почетоци на ‘Морал’. Драго ми е што по долго време ќе свириме во Скопје и што ‘Морал’ сè уште ја има онаа хемија за добра жива свирка на сцена. Се надевам дека ова ќе биде празник за сите сетила и дека ќе направиме вистински македонски рок концерт“, вели Влатко.
Организатор на концертот е „3Гонга“.