Фестивалот „Таксират“ годинава го прославува својот голем јубилеј и го одбележува своето 20-то издание. По овој повод, првиот во низата ексклузивни настани на Таксират е концертот на германските пионери на електронската музика, легендарните „Крафтверк“ кој ќе се одржи утре во Вип Арена „Борис Трајковски“ во Скопје.
Бендот гостува во Скопје по 13 години од нивниот прв настап кај нас, а сѐ уште важи за еден од најдобрите концерти кои било кога се одржале во Македонија. Овој пат ексклузивноста на нивното гостување е збогатена и со спектакуларното 3-Д визуелно шоу кое е дел од нивните концерти на исклучително успешната актуелна турнеја.
„ За таа цел, секој од посетителите, при влезот на концертот ќе добие и брендирани 3-Д очила. „Крафтверк“ доаѓаат во Скопје со огромен тим кој ќе се погрижи овој концерт да биде доведен до перфекција и кој работи на комплетната техничка и продукциска реализација на секој од концертите во нивната турнеја. Вратите на арената ќе бидат отворени за посетителите од 19:00 часот, а почетокот на концертот е точно во 20:30 часот“, велат од „Пасворд“ продукција.
Сите заинтересирани посетители кои сѐ уште не ги набавиле своите влезници за концертот на „Крафтверк“, од „Пасворд“ продукција велат дека фан-пит и партер билетите се целосно распродадени, а преостанатите билети за трибините, можат да се купат преку продажната мрежа на МКтикетс или онлајн.