Македонски производители на пиво во домашни услови утре организираат прв мини-пиво фест во Битола. На настанот, кој ќе почне напладне, ќе бидат претставени 10 видови пиво. Притоа, некои од производителите ќе покажат како се прави пиво во живо, а посетителите ќе можат да ги дегустираат домашно произведени пива по цена од 50 денари. Во 18 часот е закажана проекција на филмот „Пивска култура“.
Организатор на настанот е „Артикултура“ со поддршка на порталот „Сакам пиво мк“, домашните производители на пиво и фејсбук-групата „Домашно пиварство Македонија“. Според Марјан Костадиновски, сопственикот на „Сакам пиво мк“, предвидена е дегустација на пиво од шест производители, тројца од Скопје и тројца од Битола. Тој за МИА додаде дека пивата се произведени во домашни услови и во мали серии, па затоа и дегустацијата ќе биде ограничена.
Сличен настан ќе се организира и во Скопје, до крајот на годинава.