Над 4.000 моторџии ќе присуствуваат во Скопје за време на музичкиот фестивал „Ентер фест“. Организаторите истакнаа дека подготвуваат големи изненадувања за нив.
„Скопје ќе биде музичкиот центар на регионот, како и европски моторџиски центар, каде што ќе царуваат забавата и слободата. Добредојдени се сите пријатели и соседи за на дело да покажеме колку многу го сакаме заедничкиот соживот“, рекоа организаторите на „Ентер фест“.
Велат дека во следните денови ќе бидат објавени многу изненадувања и дека крајната цел е фестивалот да се најде на музичката мапа на Европа и светот.
Музичкиот фестивал ќе се одржи во Скопје од 29 мај до 2 јуни. На две големи сцени, поставени во и пред спортскиот центар „Борис Трајковски“, ќе настапат преку педесет музичари, популарни бендови и диџеи. Организаторите засега открија дека ќе настапи и пејачката Ера Иштрефи, најпозната со хитот „Бон-бон“. Фестивалот има цел на едно место да ги спои сите љубители на добрата музика од Македонија и од соседните земји.
Цената за комплет билети за сите фестивалски денови во претпродажба чини 990 денари на http://mktickets.mk/. Освен што ќе има музика за сечиј вкус, организаторите на посетителите ќе им понудат најевтино квалитетно пиво по цена од 80 денари.